Добродојдовте на неофицијалната страна на град Кавадарци


Grb-Kavadarci

home-дома
Актуелно
Лична карта
Положба
Фотографии
Информации
 
 
 

 

 

Crkva 2013

 

2014

Декември 2014

Почитувани,
Продолжуваат интензивните предновогодишни случувања во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци. Веќе во вторник, на 23 декември 2014, во 16 часот, премиерно за најмладата театарска публика ќе биде прикажана претставата “Новогодишна бајка“ на Театарот при Домот на културата и истата ќе биде на репертоарот до петок, со по две изданија дневно. Исто во вторник, со почеток од 18.30 и 20 часот ќе се одржат Новогодишните концерти на Балетското судио “Венус“.

Venus

Во четврток е Новогодишниот концерт на Основното музичко и балетско училиште “Лазо Мицев рале“ од Кавадарци, а во петок, во Галеријата при Домот на културата ќе биде отворена традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК), еден од настаните кои се белег на културното и уметничкото живеење во Кавадарци.

Somnitelno lice

Во понеделник, на 29 декември 2014, со почеток од 20 часот, во салата на Домот на културата во Кавадарци, ќе биде одржана Премиера на претставата “Сомнително лице“, по текст на Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Диме Коцевски и во изведба на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Почитувани,
Во петок, на 5 декември 2014, свечено ќе биде затворена манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2014“. Годинашното издание на оваа манифестација во Кавадарци донесе над 40 настани за 60 дена, од сите области на културата и уметноста, од ликовни и фотографски изложби, преку поп, рок, џез и концерти на класична музика, театарски претстави, промоции на книги и др.

Последната ден на манифестацијата ќе започне во 18 часот на главната градска улица “Илинденска“ со дефиле на Фолклорните ансамбли “Тиквеш“ од Кавадарци, “Рудар“ од Угљевик, Република Српска, Б и Х, “Ристо Донев – Учителот“ од Штип и “Кирил Пејчиновиќ“ од Скопје, кои по краткото претставување на Градскиот плоштад во Кавадарци, во 19.30 ќе одржат заеднички концерт во салата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“.

Во меѓувреме, во 19 часот, во Галеријата при Домот на културата ќе биде отворена изложба на дела од годинашното издание на Меѓународната ликовна колонија “Михајлово“, која се одржа во месец август и на која учествуваа дваесетина ликовни уметници од Македонија, Србија, Бугарија и Романија.

Со затворањето на манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2014“ не завршуваат настаните и случувањата во Домот на културата во Кавадарци. Напротив, декември месец е полн со настани кои ќе дадат вовед во новогодишните празнувања и ќе ги најават бројните настани кои кавадарчани и нивните гости ги очекуваат во 2015 година. Во декември кавадаречките љубители на театарската уметност ги очекуваат две премиери на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ – адаптација на “Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ и детска новогодишна претстава. Во овој месец ќе се случат и традиционалните годишни концерти на Балетското студио “Венус“ и на Основното балетско и музичко училиште “Лазо Мицев Рале“, неколку изложби и други концерти од повеќе музички жанрови.

 

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци


 

Октомври 2014

Почитувани,

Во среда, на 8 октомври започнува манифестацијата
“Кавадаречка културна есен 2014“

во организација на Локалната самоуправа на општина Кавадарци и културните институции во градот. Во наредните два месеци во рамките на оваа манифестација ќе се случат над 40 настани од сите уметности – изложби, концерти, промоции на книги, театарски претстави, мултимедијални перформанси и др.

Отворањето на “Кавадаречката културна есен 2014“ во среда, на 8 октомври ќе се случи со голем концерт на групи и солисти од кавадаречката поп, рок и џез сцена, една ретка ретроспектива на кавадарелката музичка сцена од осумдесетите на минатиот век до денес. Меѓу кои Џоа Бенд, Наталија Славева, Еден Ден, Александра Михова, Коскаров – Соколов, Л & Л, Modern Jazz Quartet, Абдомен, Наташа Малинкова, Smoke Shakers и Токму така. Концертот ќе се одржи во салата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ и ќе започне во 20 часот.

Истата вечер, по завршувањето на концертот во Галеријата при Домот на културата ќе биде отворена изложба на дела од ликовната колонија “Вила Тодоров 2014“.
Со манифестацијата “Кавадаречка културна есен“, културно уметничката сцена во Кавадарци интензивно живее речиси до крајот на годината и е извонредна прилика за љубителите на убавото и креативното на неколку локации низ градот да погледнат повеќе локални и гостувачки врвни уметници и уметнички ансамбли од различни уметнички дејности и сензибилитет.


Со почит,
Марјан Тодоровски
Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци


 

5 август 2014, 20 часот, Дом на културата Кавадарци

Почитувани,
По успешната Премиера и првото репризно издание, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, продолжува со редовното репертоарско прикажување на претставата “Последниот балкански вампир“, по текст на Дејан Дуковски, а во адаптација и режија на Александар Малинков.

Веќе во вторник на на 5 август 2014, со почеток од 20 часот, на матичната сцена, во салата при Домот на културата во Кавадарци ќе следува нова реприза за љубителите на театарската уметност. Во претставата играат: Диме Коцевски, Видан Станоев, Милица Гочевска, Александар Малинков, Коле Колев, Валентина Ѓорѓиева и Костадин Прокопов. Изборот на музика е на Марјан Тодоровски. Влезници на билетара на Домот на културата, од 18 до 20 часот на денот на претставата, по цена од 70 денари.


Претставата е во продукција на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“, со подршка на Министерството на култура на РМ. Репертоарски, претставата следува во месец август, за да кулминација во прикажувањето доживее за време на манифестацијата “Тиквешки гроздобер 2014“ (5-7 септември).

Театар

17 јули 2014, Дом на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци

Почитувани,
Во четврток, на 17 јули 2014 година, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, ќе ја одигра својата најнова Премиера и тоа на претставата “Последниот балкански вампир“.

По текст на Дејан Дуковски, а во адаптација и режија на Александар Малинков, во претставата играат Диме Коцевски, Видан Станоев, Милица Гочевска, Александар Малинков, Коле Колев, Валентина Ѓорѓиева и Костадин Прокопов. Изборот на музика е на Марјан Тодоровски.
Премиерата ќе се случи во 20 часот, а првата реприза за љубителите на театарот во Кавадарци е веќе во петок на 18 јули 2014 година, исто во 20 часот.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци
www.bluziranje.blogspot.com


 

10 јули 2014, 20.30 часот, Градски парк Кавадарци

Почитувани,
Во четврток, на 10 јули 2014, во Кавадарци по трети пат ќе се одржи Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“. Оваа манифестација е посветена на еден од култните градски ликови на Кавадарци – Дејан Костов Лиса, човекот кој беше дел од кавадаречката уметничката сцена како прв соработник на најдобрите ликовни уметници (Кирил Мукаетов, Ристо Соколов Сокол...), дел од алтернативните културни случувања (ликовни изложби, промоции на книги), дел од малубројната но респектабилно активна градска андерграунд сцена (рок концерти и фестивали). И самиот креативец, несебично давајќи се себеси во сите активности, остави неизбришлива трага на автентичната урбана кавадаречка културно – уметничка сцена. За жал, прерано замина.

lisa

Група негови пријатели во 2012, на денот на неговото раѓање (10 јули) ја покренаа манифестацијата “Денот кога се роди добриот човек“, во меѓувреме формирајќи го Здружението за алтернативна култура “Алтер – Центар“, кое денес се јавува како организатор на манифестацијата.
Во четврток, на третото издание на манифестацијата, на премиерно за оваа прилика ангажирана сцена во Градскиот парк во Кавадарци (на платото над ресторан “Бриони“) ќе настапат рок музичари, поети, актери, фотографи и ликовни уметници, бројни пријатели и соработници на Дејан Костов Лиса. Настанот започнува во 20.30 часот.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Здружение за алтернативна култура “Алтер – Центар“ Кавадарци
www.bluziranje.blogspot.com


 

О Д Л О Ж Е Н А ! ! !

, Дом на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци

Почитувани,
Во петок, на 27 јуни 2014, во салата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе гостува Народниот театар од Штип со претставата “Самоубиство на осаменоста“. Станува збор за текст на Неда Неждана, кој во штипскиот театар како гостин го режира Александар Мирошниченко од Украина. Гостувањето во Кавадарци на штипските актери е во рамките на Топлиот културен бран.
Претставата е со почеток од 19.30 часот.

Mарјан Тодоровски

Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци

www.bluziranje.blogspot.com


24, 25 мај 2014, Дом на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци

Почитувани,
Во сабота, на 24 мај 2014 започнува традиционалниот Републички натпревар на детски и младински хорови во Кавадарци, на сцената на кавадаречкиот Дом на култура. Првиот натпреварувачки ден е предвиден настап во категоријата детски хорови, а во недела, на 25 мај ќе настапат младинските хорови. И двата натпреварувачки дена започнуваат во единаесет часот, а предвидено е жири комисијата да ги прогласи наградените во 17 часот истиот ден. Над илјада млади хористи предстојниот викенд ќе престојуваат во Кавадарци.

Инаку, Републичкиот натпревар на детски и младински хорови во Кавадарци се одржува од 1966 година. До пред некоја година натпреварот беше биенален, а денес е традиционално секоја година во месец мај и годинашниот е 26-ти по ред.
Организациониот одбор натпреварот го реализира во соработка со Локалната самоуправа на Општина Кавадарци и Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, а е потпомогнато од Министерството за култура на РМ и наколку големи компании од градот.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци


10, 13, 15 февруари, Дом на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци

Почитувани,
По Премиерата на претставата “Бегалка“ по текст на Васил Иљоски, во адаптација и режија на Александар Малинков и во изведба на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, истата е на редовен репертоар на сцената на кавадаречкиот Дом на култура.
Голем интерес владее во Кавадарци за претставата од страна на љубителите на театарската уметност. По Премирата на 28 јануари, веќе се одиграни две репризи пред преполн салон на матичната сцена и за наредната недела се закажани дури три изведби на “Бегалка“ –
понеделник, 10 февруари (19.30 час.), четврток, 13 февруари (19.30 час.) и сабота, 15 февруари (20 час.).
Темпото на играње на претставата и натаму ќе продолжи со несмален интензитет, а веќе се договараат термините за гостување на повеќе сцени низ Македонија.
За потсетување, во претставата играат повеќе генерации на кавадаречки актери - аматери, предводени од доајенот на кавадаречкиот Театар – Александар Малинков и тоа: Душица Настова, Диме Боцев, Љупчо Настов, Милица Гочевска, Никола Деков, Коле Колев, Зорица Ташева, Снежана Карова, Валентина Ѓорѓиева, Елизабета Златева, Видан Станоев, Бранко Најдов, Диме Коцевски, Љупче Шошев, Александар Малинков, Зоран Станоев и Даниел Уневски. Уметничката подршка (избор на музика, светло, плакат, сценски елементи) е на Марјан Тодоровски и Билјана Соколова.
Со почит,
Марјан Тодоровски
Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

28 јануари 2014, 20 ч. Дом на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци

ПРЕМИЕРА НА КАВАДАРЕЧКИОТ ТЕАТАР

Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, во вторник, на 28 јануари 2014, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата “Бегалка“, по текст на Васил Иљоски, а во адаптација и режија на Александар Малинков.

Бегалка


По подолго време на репертоарот на кавадаречкиот Театар премиерно се поставува битова драма, нешто кое според најавата, предвидено е во иднина да се случува еднаш годишно, како дел од програмските активности кои на кавадаречката театарска сцена носат по три – четири автентични претстави по сезона.
Бројната актерска екипа која ја носи претставата е составена од искусни, но и млади актери – аматери, докажани во последните години во повеќе театарски изведби. Во “Бегалка“ играат: Душица Настова, Диме Боцев, Љупчо Настов, Милица Гочевска, Никола Деков, Коле Колев, Зорица Ташева, Снежана Карова, Валентина Ѓорѓиева, Елизабета Златева, Видан Станоев, Бранко Најдов, Диме Коцевски, Љупче Шошев, Александар Малинков, Зоран Станоев и Даниел Уневски. Уметничката подршка (избор на музика, светло, плакат, сценски елементи) е на Марјан Тодоровски и Билјана Соколова, а техничката (сценска работа, суфлерај) на Диме Наумчев и Игор Димовски.
Веќе од четврток, 30 јануари 2014, со првата реприза, “Бегалка“ е на редовниот репертоар на Театарот при Домот на културата, на радост на љубителите на драмската уметност. Предвидено е претставата да гостува и на сцените во други градови низ Македонија.

Марјан Тодоровски
Уредник на програма


27.12.2013 - 20.01.2014, Дом на култура «Иван Мазов Климе»

Почитувани,
Во петок, на 27 декември 2013, со почеток од 19 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе биде отворена традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК), на која со свое дело од последните работни циклуси ќе се претстават над дваесет членови на ДЛУК.

DULK

Од најмладите академски ликовни уметници до еминентни македонски ликовни имиња, меѓу нив и дел од основачите на ДЛУК, ќе се претстават со дела во различни ликовни техники, графики и скулптури. Речиси четириесет години од основањето, ДЛУК е секогаш во врвот на македонската уметност, за што зборуваат и имињата на голем број на членови на Друштвото кои денес се врвот на македонската ликовна уметност. Петар Мазев, Ристо Соколов Сокол, Глигор Стефанов, Глигор Чемерски, Елпида Хаџи – Василева, Симон Шемов, Ванчо Кеков, Владимир Темков, Димитар Самарџиев и др. се само дел од имињата кои се докажани на македонската ликовна сцена, но и надвор од неа, а дел од нив учествуваат и на оваа Годишна изложба на ДЛУК.
Годишната изложба на ДЛУК е настан од исклучителна важност за членовите кои излагаат, особено поради фактот што е најпосетен ликовен настан во Кавадарци во тековната година, не само на отворањето, туку и за цело време на траењето на изложбата. Истата пред ликовната и македонската ликовна јавност ќе биде отворена до 20 јануари 2014 година.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Секретар на ДЛУК


 

Место за информации за активности во Кавадарци...

Контактирајте не на :

 

 

Архива

» 2009
» 2010
» 2011
» 2012
» 2013


 

  Ristovski © 2005-2014 posta
mak en de