Добродојдовте на неофицијалната страна на град Кавадарци


Grb-Kavadarci

home-дома
Актуелно
Лична карта
Положба
Фотографии
Информации
 
 
 

 

 

Смртоносна романтика



     
16.05.2012, ДНЕВНИК
03.12.2011, ВЕСТ
07.12.2010, ДНЕВНИК

 

 

 

 

 

написи »»»


Народната поговорка «Кај што има дим има и огин» би било убаво да важи и за димот над «ФЕНИ индустри».


Средина на 70-ите, Комунизмот залетан во некоја си индустријска револуција, а народот заслепен од кажувањата дека ќе има запослување за неколку илјади работници – се изгради “индустриејскиот гигант ФЕ-НИ“ и како рак се шири и ја уништува Тиквешијата.

Се уништи дел од плодното земјиште во срцето на Тиквешијата, се “бележа“ природата од Мржичко до Возаречко со некој си транспортен систем што се околу себе загадува...

Југославија се распадна, комунистите веќе не се викаат така, ФЕ-НИ и понатаму ја загадува Македонија, некој зима м..., и никој “мака нема“
Во Кавадарци и Тиквешијата масовно се отвараат приватни винарски визби луѓето кои со децении во своите фамилии се занимавале со одгледување на виновата лоза, својата иднина ја гледаат и во производството на вино, како круна на својот труд и своето знаење. И бидејќи светот е веќе постанат «Глобално село» некои се трудат да на светот го представат ова поднебје на кое виновата лоза се одгледува од кога и постои, така и како еколошки чиста човекова средина.

Од една страна одгледување на виновата лоза и продукција на вино, од друга страна ФЕНИ кое немилосрдно (и не до првиот дожд) го загадува ова парче земја.

Дали новата локална управа ќе се свести и ќе направи чекор кон она што го обеќаа во предизборните муабети?

Дали стварно ќе го направат Тиквешкиот регион центар на винскиот туризам?

Дали може да “продаваш“ еколошко чисто вино со “позадина“ на ФЕ-НИ?

Кога ќе се свестиме и ќе ја исправиме грешката на комунистите.

СМРТ ЗА ФЕ-НИ – и слободно дишење во Тиквешијата

ЗОШТО ТОА ПАРЧЕ ЗЕМЈА ГО НЕМАМЕ НАСЛЕДЕНО ОД НАШИТЕ ПРЕДЦИ, ТУКУ ГО ИМАМЕ ПОЗАЈМЕНО ОД НАШИТЕ ПОТОМЦИ
треба да го оставиме како што сме го добиле


Дневник: 16.05.2012, 16:48

Од рак заболеле 382 кавадарчани
за пет години

Во последните пет години 382 заболени од малигни болести се регистрирани во Kавадарци, информира доктор Влатко Д. Алексов, специјалист по интерна медицина од овој град. Од нив, 234 или 61,26 отсто се мажи, а 148 или 38,74 отсто се жени. Најчест карцином е оној на белите дробови, со 106 заболени. Малигните заболувања најчесто се застапени во седмата деценија од животот, со 122 заболени, односно 31,94 отсто. На второ место е карциномот на дебелото црево, со 33 заболени, а на трето карциномот на желудник и дојка, со по 31 заболен. На четврто место се наоѓа ракот на простата, од кој заболеле 27 лица, а следуваат ракот на утерус во 23 случаи, на хепар 22, на панкреас 19, на овариум 13, на бешика 13 и на ларинкс 12. Податоците се извадени од евиденцијата на итната медицинска помош и домашно лекување на град Kавадарци за период од 2006 до 2010 година. Алексов, кој ова истражување го направи заедно со татко си Димитар, кој исто така е медицинско лице, вели дека од податоците покажуваат дека најмногу страда респираторниот систем, па дигестивниот, па женскиот репродуктивен систем. Најстар пациент со малигнитет е маж на 92 години со карцином на колон, а најмлад е маж на 18 години.

- Во поглед на морбидитетот и морталитетот, малигните заболувања се наоѓаат веднаш по кардиоваскуларните и припаѓаат во групата на масовни незаразни заболувања. Поради сериозноста и масовноста, овие заболувања претставуваат социјално-медицински, економски и општествен проблем - вели докторот.

Тој нагласува дека е потребна поголема свесност кај луѓето и лекарите, што почесто да се мисли на овие заболувања и да се спроведува правилен скрининг. (С.Д.)


Дневник, 07.12.2011

Отровен чад излегува од оџаците на „Фени“, предупредуваат еколози


Од оџаците на топилницата „Фени“ излегува опасен чад кој доаѓа од согорување на рециклирани гуми што претпријатието ги користи како како гориво во печките, предупредуваат еколози.
Со ваков сомнеж излегоа од еколошкото друштво “Еко-живот” од Кавадарци. Во писменото известување стои дека гигантот и онака испуштал многу издувни гасови кои според невладината

организација биле токсични по здравјето на луѓето на многу начини, независно дали загадувањето било преку воздух или преку отпадна вода.
„Еко-живот“: Кој дал дозвола?
Еколозите сметаат дека комбинатот освен што отстапувал од пропишаните мерки за филтрирање на издувните гасови, сега дополнително го зголемил загадувањето на животната средина со горењето

гуми во печката.
- Што е следно од “Фени”? Труењето продолжува со зголемен интензитет без никаков обзир спрема штетните последици кон вработените и околното население - стои во дописот потпишан од

претседателот на друштвото, Роберто Паризов.
Од “Еко-живот” јавно прашуваат кој дал дозвола печката на топилницата да се “храни” со гуми.
- Кој си земал за право да го стави својот потпис за да не трујат нас? Кој презел таков катастрофален чекор и дали тој има бар малку совест? - се прашањата на кои бараат одговор еколозите.
Со известување до граѓаните и апел до “Фени индустри”, екологистите се надеваат дека ќе ја разбудат еколошката свест во комбинатот и раководните структури во државата.
Фени: Гориме гуми со дозвола од министерството
Во телефонскиот разговор директорот на „Фени индустри“ Никола Ризов ни потврди дека горат гума во печката, но дека тоа било со дозвола од министерството за животна средина и просторно

планирање.
Токму од ресорното министерство побаравме став по ова прашање, но портпаролот Сашо Секуловски е во Љубљана, па информација рече ќе ни дал во петок.
Од локалната самоуправа знаат за ова, но велат дека им е потребна дополнителнма анализа пред да коментираат.
Од наши извори дознаваме дека сепак се работи за гума во гранулирана состојба од Грција и Србија, во просек по околу 100 до 150 тони дневно. (С.Д.)


Вест, 03.12.2010

ДЕСЕТ МИЛИОНИ ТОНИ ОТПАД ВИСИ НАД КАВАДАРЕЧКОТО СЕЛО ВОЗАРЦИ

Троската од "Фени" ќе ни ја урне црквата

Вжештена на температура од 1.800 степени, троската се изнесува од фабриката на секои 20 минути и се истура на само неколку метри од селските гробишта и црква. Земјата околу "Фени" е црвена, црвена е и водата во каналот што истекува од фабриката и се влева во Црна Река, а селаните тврдат дека ни зелката никој не им ја купува оти во средината листовите и се црвени
Околу 10 милиони тони отпад од фабриката "Фени" виси над селото Возарци, кое се наоѓа 8 км западно од Кавадарци. Депонијата која комбинатот за производство на фероникел ја создал во изминатите триесет години, зафаќа површина од 3-4 хектари. Отпадот содржи оксиди на железо и силициум и изгледа како лава од вулкан. Вжештена на температура од 1.800 степени, троската се изнесува од фабриката на секои 20 минути и се истура на само неколку метри од селските гробишта и црквата.
"Сто пати во текот на 24 часа камионите истураат отпад. Ѕидовите од црквата, која ја градевме пред неколку години, испукаа, зашто земјата попушта од тежината на троската", велат селаните и покажуваат на височината каде што во моментот камион истура вжештена маса. Топлината се чувствува на голема оддалеченост.
Оџаците и депонијата на "Фени" ги плашат селаните во Возарци што живеат од земјоделство, но и од фабриката. Се жалат дека поради загаденост ништо не им успева во бавчите. Земјата околу "Фени" е црвена. Црвена прашина има на патот по кој се движат камионите со руда. А црвена е и водата во каналот што истекува од фабриката и се влева во Црна Река.
"На пазар, кога носиме пиперки, домати, зелка, луѓето прво прашуваат на кое место е садено, и кога ќе слушнат, не купуваат. Зелката внатре е цела црвена, ќе отвориш и лисјата се црвени. Не вирее ништо. Имаме проблем и со грозјето, ни велат дека содржи железо. Ние не сме против фабриката туку сакаме да знаеме дека дали нe труе или не, и колку нe труе", велат селаните.
Претставници на месната заедница во селото бараат државата да покаже поголем интерес за животната средина и за луѓето што живеат во тој крај, и апелираат до Институтот за јавно здравје да ја испита здравствената состојба на децата и на возрасните.
"Сакаме да ги заштитиме идните генерации. Државата да одреди граница, и депонијата веќе да не се доближува до селото. Министерството за животна средина да инсистира 'Фени' да стави нов филтер на другиот оџак и да се намали емисијата на прашина", вели Бобан Бошков, претседател на Месната заедница на селото.
Заменик министерот за животна средина Соња Липиткова вели дека во "Фени" е несреќно избрана локацијата на депонијата.
"Локацјата на депонијата е проблематична зашто се наоѓа над простор каде што има населено место. Тоа е инертна маса, која не загадува, но во услови на екстремни дождови или на некакво помрднување на теренот, таа маса може да лизне и да направи хаварија. 'Фени' треба да направи проект и да се дислоцира. Едно од нашите барања за спроведување на еколошката дозвола е дислокација на депонијата", вели Липиткова.
Заменик генералниот директор на "Фени" Никола Ризов, пак, вели дека немаат намера да ја дислоцираат депонијата. Комбинатот купил земјиште за нова депонија во близина на селото Шивец, и ќе ги користи двете локации.
"Нуспроизводот од фероникелот апсолутно не е штетен и не се раствора во земја. Интересот за продажба на троската е сe поголем. 100.000 тони троска имаме извезено, и уште 60.000 имаме подготвено за извоз во Америка, Шкотска, во Канада. Троската може да се користи за тампонирање, за производство на ќерамиди, бидејќи не пропушта. Исто така, се користи и во медицината за изолирање на ѕидовите каде што се наоѓа рендген апаратот", вели Ризов.
Тој тврди дека хемискиот состав на воздухот, почвата и на водата, пред да се изгради "Фени", и сега е ист. "Нема некои драстични промени кои би ги надминале дозволените граници".

Никој не знае како "Фени" влијае врз здравјето

Од Институтот за јавно здравство од Кавадарци велат дека немаат податоци за тоа како "Фени" влијае врз здравјето на луѓето.
"Од докторите по општа пракса не добиваме извештаи за болестите на луѓето, иако тие се со закон се обврзани да нe известуваат. Затоа ние немаме статистика со која би добиле генерална слика за здравствената состојба на луѓето што живеат во овој крај. А за да спроведеме посебна акција, требаат пари", велат во Институтот.
Р.Фотиновска


КТВ (пред неколку години, лето 2009???)

Профитот пред здравјето

Неконтролираното загадување на Тивкешијата од ден на ден станува се поалармантно. Фени индустри , спокојно си загадува следејќи го скокот на никелот на светските берзи, без притоа да се размисли дека може да уништи еден земјоделски регион но, и да го загрози здравјето на населението со тешки метали.
Тиквешијата наделеку позната по производството на добро грозје, вино и останати земјоделски производи,поради црвените облаци со никел полека го губи рејтингот и тоа немо посматрано од локалната но, и од државната власт. Грешката е направена уште во старт. Локацијата за изградба на еден ваков индустриски капацитет е утната во минатото. Наместо да биде во близина на рудното наоѓалиште, тој никна во густо населено подрачје, а неговото отворање ги испразни сите села од тиквешијата, со надеж на граѓаните за подобар живот. Грешката е направаена и сега треба да се корегирана со исправни филтри.
Постарите ќе речат, Фени не работи само 5 години. Фени работеше и в о минатото, ама вакво загадување не се случуваше. Е па тогаш зошто сега загадува, во време кога цената на никелот вртоглаво расте.
Зарем 4 милиони долари , колку што се потребни за новиот филтер досега газдите неможеа да ги издвојат од месечниот профит? Граѓаните не реагираат од вчера, тие будно го следат секое поголемо загадување,филтерот полека откажува со години, а нов не се купи. Фени успеа да обезбеди сиве овие години превилегирана положба од државата па филтер и не му беше потребен.
Во која држава во светот еден индустриски капацитет може спокојно да работи без да ги филтрира издувните гасови. Нели ќе беше подобро,државата,наместо да го продолжи рокот за замена на филтерот на втората печка, да му наложеше на комбинатот преполовено производство како што одлучи сега, или пак целосен застој се до монтирање на нов филтер. Кога ќе беше во прашање производството, повеќе од сигурно е дека за монтажа на нов филтер не ќе беше потребна една година. Што треба да се случи за да државата доследно ги применува законските прописи, ако не повеќе барем кога во прашање е доведено здравјето на граѓаните.
Жители од селото кое што е најмногу на удар, Возарци, на шега ќе речат, расолот без цвекло ни станува црвен, од бело грозје добиваме црвено вино. И сето ова додека се смета како шега е добро, но како црвениот прав се однесува во човечкиот организам. Досега никој од медицинарите јавно не кажал какви последици по здравјето можат да добијат граѓаните кои со години ја трпат еколошката окупација.
Чудни се и луѓето кои јавно се плашат да говорат за загадувањето од Фени, бидејќи барале работа. Има и такви кои напаѓаат, но пред раководството на Фени ќе речат, ако бидеме примени на работа, не е проблем загадувањето.За илјада вработени не е во ред да страдаат над 50 илјади граѓани. Зарем ако поединец работи во Фени оџакот
без филтер помалку ќе чури? Во непосредна близина на комбинатот се одгледуваат јагоди, спанаќ... Колку се тие здрави за исхрана?. Зарем наталожениот никел нема да се внеси во организмот.
Фени се согласил од еден одгледувач на спанаќ да купува по десетина килограми дневно само за да не биде тужен. Истиот предлог го упатиле и до производителите на домати. Ако производите за вас се загадени тогаш ние ќе ги дегустираме вон ашата менза, им рекле од Фени Земјоделецот прашува како може со десетина килограми да го продаде производството од неколку тони. А кој ќе го купи грозјето, доматите, ракијата. Кој ќе им плати на земјоделците кои не работат во Фени туку единствено егзистираат и “профитираат” од макотрпното производство во непосредна близина на Фени.
Велес не е далеку, а свежи се и сеќавањата за загрозено здравје на населението. Дали треба да се повтори Велес?
Фени да имаше трошка еко свест, никогаш не ќе беше на удар од јавноста, бидејќи многу придонесува за економијата во градот и земјава.
Рестартот на Фени го врати на колосек животот во Кавадарци. Работниците се задоволни од платите кои започнуваат од 15 илјади денари. Но економскиот и еколошкиот момент не е едно исто. Бадијала ти се пари ако здравјето го губиш, може некој ќе рече и голо здравје не бива. Иронијата да е уште поголема, црвените облаци со никел над Кавадарци и околината, раководството ги коментира како наводен рекет од тие кои што барале работа во Фени. Па работа не бара цел град, не бараат докторите, бизнисмените, професорите, децата, старците. Од црвените облаци сите се испаничија, само Фени не,бидејќи мора да го теши населението. Облаците биле големи поради променливите временски услови и тие биле само визуелна слика. Апсурд.
Треба да се соочат со реалноста и од профитот да одвојат и за заштита на животната средина во време кога светот е на нозе и бара спас за планетата Земја. Со нов исправен филтер нема да има ниту лоша визуелна слика, ниту загадување. Ако нема загадување во тиквешијата, тогаш се наметнува прашањето зошто медицинската статистика, во споредба со минатите години , покажува постојан пораст на респираторни заболувања кај децата од поширокиот тиквешки регион .

подготви: Ангел Данов


 

 

  Ristovski © 2011 posta
mak en de